Ласер
Ласер терапија на пародонтална болест
Френулектомија
Интервенција која се изведува на френулумот (сврзно ткивна конекција на горната и долната усница). Оваа конекција или плика е нормално присутна кај секого од нас, но во одредени случаеви нејзиниот припој е премногу висок (во близина на забите) и при мимичка активност со усниците пласира сили кои можат негативно да влијаат на забите и мекото ткиво. Најчесто предизвикуваат појава на дијастеми или простори меѓу централните инцизиви горе или доле, или пак од силите на влечењето предизвикуваат рецесија или повлекување на гингивата и соголување на коренскиот врат.
Гингивектомија
Интервенција на гингивата (непцето), најчесто околу вратовите на забите. Тоа подразбира одземање или од откројување на гингивата со цел да се вклопи во новиот дизајн на идната лицева естетика.
Интервенцијата се изведува во локална анестезија, со мекоткивен ласер или електрокаутер.
Пациенти кои најчесто имаат потреба од ваков тип на интервенција се:
– пациенти со висока линија на насмевка, кои што ја експонираат гингивата над забите при смеење (gummy smile)
– пациенти кај кои непцето е спуштено преку забите и ја покрива коронарната површина
– пациенти кај кои е планирана целосна естетска и функционална реконструкција, па старата гингивална архитектоника не се вклопува со новиот планиран дигитален дизајн на насмевката (digital smile design- DSD)
Херпес
Ласерска метода на третман на Herpes Simplex вирусот кој при одредени услови од латентна (спиечка) фаза, преминува активна фаза. Оваа фаза се манифестира со појава на поголем број на везикули на преодот помеѓу кожата и слузокожата. Најчесто, ова место е усната. Доколку се дијагностицира во раната фаза на манифестација на инфекцијата, со ласерската терапија се овозможува да се спречи манефестацијата на везикуларната фаза од инфекцијата, која за пациентот е најболна и непријатна. Доколку се третира во веќе манифестирана клиничка слика, со ласерската терапија се овозможува побрзо неутрализирање на актвнити вируси, спречување на нивното размножување и ширење, како и брзо заздравување (доведување до стадиум на круста).
Биостимулативна терапија
Постхируршките пациенти во нашата поликлиника скоро облигаторно се ставени на посебен систем на мониторирање. Тоа подразбира редовни контролни прегледи во постхируршкиот период, понатаму употреба на ласерска биостимулација, третмани со спектрална светлина за побрза регенерација на хируршката рана, како и употреба на медицински пасти и гелови за спречување на секундарни инфекции и убрзана мекоткивна регенерација.
Стерилизација на коренски канали
Процедура која се изведува при каналната (ендодонтска) терапија. Зависно од видот на бактериската контаминација на каналниот коренски систем, се спроведува соодветна биомеханичка, хемиска а многу често и ласерска деконтаминација.
Ласерската светлина со специфична бранова должина и пренесена во коренскиот систем преку фибер оптичко влакно со одредена дебелина, овозможува оштетување на клеточниот ѕид на најагресивните грам негативни бактерии, на тој начин оневозмужувајќи го нивното размножување и понатамошно комплетно неутрализирање. На тој начин преку овој софистициран метод, овозможуваме стерилност на каналниот систем пред да се премине во следната фаза на ендодонтската терапија.
Стерилизација на кавитет
Опционална ласерска метода која наоѓа примена во конзервативната стоматологија.
Во ситуација каде кариесот направил поголем дефект во дентинот на забот и стигнал во непосредна близина на забната пулпа, препорачуваме ласерска стерилизација на тие најдлабоки делови на кариесот. Со тоа овозможуваме:
- Презервација од артифициелно отворање на забната пулпа при манупалација со класичните ротациски, машински инструменти (борери)
- Селективно одстранување на забниот кариес, зачувувувајќи го неафектираниот (здравиот) дел на дентинот,
- Комплетна стерилизација на најдлабоките делови на контаминираниот дентин (smear layer)
- Подобрување на микрохибридната врска помеѓу здравите и неоштетени колагени влакна на дентинот од една страна и бодинг агенсот (лепакот) на композитниот реставративен материјал од друга страна, правејќи ја таа врска исклучително моќна