Кодекс на стоматолошката етика
Со терминот“ДЕОНТОЛОГИЈА”, во поширока смисла на зборот, се означува како наука за должностите. Додавката пак, лекарска, односно, стоматолошка деонтологија го стеснува и лоцира овој поим како учење за лекарската етика, т.е. етичкото однесување на лекарите при сите постапки поврзани со пациентите и медицинскиот персонал.
Кодексот на стоматолошката етика и деонтологија претставува систем на етички норми врз кои се втемелени взаемните обврски помеѓу стоматолошката професија и општеството и ставени во функција на заштита и унапредување на човековото здравје, на строгото професионално однесување при лекувањето на пациентот и заштитата на неговиот личен интегритет и на интегритетот на секој стоматолошки работник.
Етичките и законските норми се блиску во нивната суштина, но тие, сепак, не се истозначајни. Законските решенија секогаш се стремат да бидат етички засновани, но тие никогаш не можат да ги санкционираат сите етички норми, па токму заради тоа етичките норми често се построги од законските.
Изворните норми и начела на Кодексот на стоматолошката етика и деонтологија произлегуваат од Хипократовата заповед и Свечената изјава што ја потпишува секој што се стекнал со диплома за доктор на стоматологија.
Стапувајќи во стоматолошката професија докторот на стоматологија се обврзува дека:
- Својот живот ќе го посвети на хуманоста;
- Својата професија ќе ја врши совесно и одговорно;
- Највисок императив во професионалното делување ќе му претставува чување и враќање на здравјето на пациентот;
- Ќе ги чува тајните што ќе му бидат доверени при вршење на професијата.
- Со сите сили ќе ја чува честа и благородните традиции на стоматолошката професија;
- При вршење на своите стоматолошки должности нема да прави никакви разлики поради воздраст, пол, националност, раса, политичка припадност,сексуална наклоност, хендикепираност и општествено-економски статус;
- Ќе го почитува човечкиот живот од зачнувањето па натаму, и дури под закани нема да го применува своето знаење спротивно на законите на хуманоста;
- На своите учители ќе им го искажува должното почитување;
- Кон колегите докторина стоматологија, доктори од другите области на медицината и останатиот медицински персонал, ќе се однесува со респект и должно почитување на нивниот личен интегритет и нивниот труд.