Што се Импланти?

Имплантологијата е гранка на оралната хирургија, која се занимава со всадување на вештачки корени-импланти, на местата каде природните заби од различни причини се изгубени.

Денталните импланти се изработени од метал, 99% титаниум. Тој е метал кој е високо биокомпатибилен, што всушност значи дека по вградувањето, телото не го препознава како туѓо тело, туку го прифаќа како интегриран негов дел. Тој процес во имплантологијата е познат како Осеоинтеграција.

Осеоинтеграцијата е непогрешлив процес кај здрави индивидуи. Но, затоа пак има медицински состојби (локални или општи) кај одредени пациенти, кои го пореметуваат или оневозможуваат овој процес. Затоа пред да се пристапи кон хируршката фаза на вградување на имплант, претходно се зема детална медицинска анамнеза од пациентот, каде се утврдува дали е прикладен за самата имплантација.

Освен самото поставување на имплантот, имплантологијата се занимава и со мекоткивниотменаџмент. Тоа всушност представува комплетна нега за околното меко ткиво околу самиот имплантат и регенерирање на соодветен биотип на кератинизирана гингива, слично како што е сложениот пародонтален комплекс околу природните заби. Оваа гингива е основата за успешноста на самиот имплантат и неговата долгорочна стабилност.

Фази на имплантолошкиот процес
  1. Првата фаза од имплатолошкиот процес е земањето на детална медицинска анамнеза.Во оваа фаза се утврдуваат сите локални и општи медицински состојби кај пациентот, со кои се соочуваме и со кој утврдуваме дали пациентот е индициран за имплантолошка процедура. Состојби на нарушено орално здравје, како што се несанирана пародонтална болест, хронични орални фокални жаришта и други состојби кај кои доминираат патогени бактерии во усната шуплина се релативни контраиндикации за имплантација, кои бараат претходна подготовка на пациентот. Ова некогаш е процес кој одзема подолг временски период, но за кој не правиме компромис во интерес на крајниот добробит на пациентот. Понатаму, постојат и состојби на нарушено генерално здравје, кои прилично влијаат на процесот на интеграција.
  2. Потоа се прават дополнителни дијагностички процедури ( клинички преглед и CBCT- kompjuterizirana tomografija),со кој детално се утврдуваат анатомските и биолошки параметри на местото каде што треба да се изведе имплантацијата. Сето тоа се сублимира и базирано на оваа сеопфатна анализа на крај се креира соодветен план на имплантолошка терапија. Тој план се презентира усно или со видео презентација на пациентот, така што тој е свесен и запознаен со сите детали околу текот на интервенцијата и секако крајниот исход.
  3. Следува клиничка фаза на поставување на имплантите т.е клиничко спроведување на предетерминираниот имплантолошки план. Процедурата се изведува по строги хируршки протоколи на асептично работење и претходна припрема на хируршката сала и на самиот пациент. После завршувањето на интервенцијата, на пациентот му се даваат постоперативни упатства и соодветна терапија како и се закажуваат контролни прегледи и ласерска биостимулативна терапија во наредниот период, заради оптимизирано заздравување на раната и спречување на секундарни инфекции.
  4. Фазата на осеоинтеграција или интегрирање на имплантот трае помеѓу два или три месеца. Во оваа фаза пациентот не треба да има никакви сензации. Доколку се случи да се јави болка, тоа е најчесто после еден месец од интервенцијата, па затоа нашите пациенти се советуваат да дојдат на контролен преглед и евентуална рентгенграфија, во тој период.
  5. Отворање на имплант- оваа фаза од имплантолошката процедура се изведува после завршената осеоинтеграција на имплантот ( два или три месеца од поставата на имплантот ). Доколку при самата имплантација е изведена и некоја аугментативна процедура- процедура на вградување на коска, во тој случај процедурата на отворање на имплантот се изведува после шест месеца. Може да се изведе со примена на различни методи и техники, во склад со претходно воспоставениот план на терапија. Доколку е потребно да се изведе мекоткивна корекција 3 – подобрување на квалитетот на кератинизирана гингива околу имплантот, во тој случај се можни повеќе опции на мекоткивен менаџмент ( roll flap, pedicle flap, SCTG,FGG). Тоа е дополнителна опционална мекоткивна хируршка процедура, која се изведува кај оние пациенти кај кои тоа е потребно. Доколку има идеални анатомски услови, имплантот се отвора или класично (скалпел) или ласерски, и потоа се поставува гингивоформер. Со ова завршува оваа фаза од процедурата. Потоа следи заздравување на гингивата околу имплантот. Кај неаугментативните техники потребни се 2 недели на заздравување, додека кај мекоткивните хируршки процедури, потребни се 6-8 недели пред да се прејде на следната протетска фаза.
  6. Протетска фаза  – откако сме ги испочитувале и извеле сите претходни фази на хируршкиот протокол, се наоѓаме во фаза кога имаме интегриран имплант, соодвето тродимензионално позициониран, доволна количина на коска околу имплантот, како и соодветна дебелина на мекоткиво (кератинизирана гингива). Од овој момент следува прилично креативна фаза, која бара трпение, умешност, вештина и знаење. Моментот на протетската рехабилитација, го валоризира и крунисува целиот претходно направен хируршки план, како и овозможува добивање на резултат со високи естетски и финкционални параметри, кои даваат долгорочна стабилност на сите структури околу имплантот, самиот имплант, а исто така овозможува висока естетска и функционална рехабилитација. Зависно од естетските очекувања и видот на конекцијата на имплантот со идната протетска изработка, оваа фаза може да биде многу кратка, при што се земаат неколку пати мерки со специјални алатки во неколку посети и потоа се изработува идната протетска изработка во забната техника.
Импланто протетската супраструктура кај пациент со парцијална (делумна) беззабост

Тука спаѓаат поединечни коронки или мостови. Може да бидат изработена од различни материјали, но она што прави значителна разлика етоа дали протетската структура е цементирана или заштрафена за конекторот на имплантот (абатментот).

 

Предноста е секогаш на страната на штрафечките конструкции на имплантот и тоа од повеќе причини:

  • Лесна одржливост – кога и да имаме потреба да интервенираме на конструкцијата, имплантот или мекото ткиво, конструкцијата може да се одштрафи и повторно да се заштрафи кога ќе се заврши со интервенцијата.
  • Индивидуализирање на конекторите (абатментите) и давање соодветна поддршка на мекототкивната архитектоника, која дава висок и ултимативен естетски ефект, компаративно со готовите фабрикувани конектори (абатменти) кои не ја дават можноста за обликување на ткивото.
  • Висок степен на безбедност на анатомските структури околу имплантот, компаративно со цементирачките, каде секогаш постои голема опасност при цементирањето, да дел од цементот навлезе во длабоките анатомски структури околу имплантот и да предизвика сериозни проблеми па и загуба на имплантот.
Имплантопротетска рехабилитација кај пациенти со тотална беззабост

Овие пациенти во зависност од количината на коскената ресорбција на резидуалниот алвеоларен гребен (остаточна коска), имаат можност од протетска рехабилитација која може да се класифицира во три групи:

  • Циркуларни ( штрефечки или цементирачки) мостови на импланти
  • Хибридни тотални ( акрилатни) протези – штрафечка тотална протеза
    • All on 4 – имплант ретинирана и стабилизирана штрафечка протеза со метален трансалвеоларен скелет,поставена на 4 импланти ( два аксијални и два коси )
    • All on 6 – имплант ретинирана и стабилизирана штрафечка протеза со метален трансалвеоларен скелет,поставена на 6 импланти;
  • Bar overdenture протеза ретинирана со метална прачка или шипка која е заштрафена за имплантот- два или повеќе импланти
  • Локатор протеза – протеза која е директно ретинирана на имплантите со помош на локатор абатменти; Минимум потребни два импланти. 
Одржување на имплантопротетски изработки / перимплантитис

Пациентите кои се протетски рехабилитирани, а поготово имплантопротетски пациенти, се ставени на посебен модифициран режим на нега и одржување.

Ова подразбира чести контроли, особено во првата година од имплантното оптеретување, во кој се случува физиолошки механизам на коскена ремоделација и мекоткивна матурација (созревање ). Овие контроли најчесто вклучуваат и радиолошка евалуација ( рентген снимање и анализа).

Во натамошниот период, секако се потребни и интермитенти контролни прегледи кои вклучуваат и контрола на денталниот плак– наслага која е богата со бактерии и која како што веќе спомнавме е основниот причинител на хроничната пародонтална болест кај природните заби. Бактериите на денталниот плак исто така го афектираат и биолошкиот ткивен комплекс околу имплантот, со таа разлика што кај имплантите, бидејќи нема пародонтални лигаменти, туку тие се директно интегрирани во коската, оваа инфекција која се нарекува Периимплантитис, се шири брзо, лесно и предизвика многу голем коскен дефект и во крајна мера и загуба на имплантот. Бидејќи третманот на периимплантната инфекција е често сложен и неизвесен процес, кој некогаш бара и хируршки пристап, превенирањето или спречувањето да се појави Периимплантитис е наш императив.

mk_MKMacedonian
Scroll to Top